Изов: Гледаме позитивно и ќе се обидеме достоинствено да одиграме на двата меча

Репрезентативките на Македонија ќе ги отворат квалификациите за Мундијалот во 2023 година против Англија. По гостувањето во Саутемптон, следува домашен тест против Австрија.

Кирил Изов ги откри адутите со кои ќе атакува на позитивни резултати на овие натпревари во септемврискиот прозорец. Тој најави дека целта е да се извлече максимум од двата дуели.

„Нè очекуваат два многу тешки натпревари против Англија на гости и дома против Австрија на отворањето од квалификациите. Ги знаеме добро квалитетите на двете селекции, посебно на Англија, која е апсолутен фаворит во групата, но верувам дека имаме сили и во рамки на нашите можности достојно ќе се обидеме да се спротивставиме на двете репрезентации. Целта е да извлечеме поволен резултат од двете пресметки.

Радува фактот што на располагање ги имаме сите фудбалерки, вклучувајќи ги и интернационалките Андонова и Рочи. Имаме одличен спој на младост и искуство, оптимист сум дека ќе имаме добри квалификации. Атмосферата е одлична, сите се максимално фокусирани и мотивирани да одиграат добро за дресот со државен грб. Гледаме позитивно и веруваме дека оваа селекција може да напредува во квалификациските натпревари“, Вели Изов.

Против Англичанките ќе го одиграме првиот меѓусебен натпревар, а австриската репрезентација двапати славеше над нашиот тим пред две години.