Изов: Бевме беспрекорни, Македонија нема да застане тука

Женската фудбалска репрезентација на Македонија по шест години забележа победа на еден официјален натпревар. Пред налетите на нашите девојки падна Казахстан (4-1), успех кој го радува селекторот Кирил Изов.

Нашите најискусни фудбалерки, Наташа Андонова и Гентијана Рочи, се вратија во националниот тим и со по два гола во мрежата на Казахстан донесоа три бода во квалификациите, први за Македонија на салдото.

„Одигравме одличен натревар и нашата победа во ниеден момент не беше доведена во прашање. Како што најавивме пред натпреварот, шансата за првата победа ја гледавме на овој натпревар, добро ги анализиравме Казакстанките, сите фудбалерки бепрекорно ги извршија своите задачи и успехот беше неминовен. Тука не застануваме, во репрезентацијата владее одлична атмосфера и после оваа победа со уште поголеми мотиви во Скопје ја чекаме Србија која е на хартија фаворит, што значи ја респектираме, но не се плашимe. Имаме и ние свои адути и се надевам на уште една блескава партија на моите девојки“, изјави предводникот на А-селекцијата.

Следниот натпревар за Македонија против Србија ќе се игра на 5 октомври од 15:00 часот, на тренинг-центарот „Петар Милошевски“ во Скопје.