ВИДЕО: Изо двоен стрелец, Воска го откажа Пелистер од битката за ПМФЛ!

Екипата на Воска Спорт го доби дерби-дуелот со Пелистер (2-1) и така охриѓани се зацврстија на второто место кое води директно во Првата македонска фудбалска лига (ПМФЛ), а битолчани направија огромен чекор назад затоа што каскаат далеку зад водечкото трио.

  • Извештај од натпреварот:

Избраниците на Берат Имери ги искористија шансите кои им се дадоа за погодок и го најдоа патот до мрежата на Петровски. Главен играч кај Воска беше капитенот Изаир Емини кој уште еднаш покажа дека е „моторот“ на оваа комбинирана екипа која ги изненади сите и е во битка за промоција заедно со Вардар и Гостивар.

Првиот погодок на натпреварот Изаир Емини го постигна во 10. минута, кога од дваесетина метри погоди атрактивно од слободен удар. Пелистер потоа имаше две добри шанси да израмни, ама на дело се покажа чуварот на мрежата Хадис Велии кој двапати изби во корнер.

Минималната предност Воска ја имаше и на паузата, а на стартот на вториот дел се играше претпазливо. Имаа неколку полушанси и двете екипи, а Пелистер пропушти убава можност да израмни преку нововлезениот Никола Наумоски во 74. минута кој шутираше само крај дирекот. Казната за тоа пристигна во 77. минута кога Изаир Емини се најде осамен на пеналтикот по една мешаница и вторпат го совлада Петровски.

Пелистер го заврши натпреварот и со играч помалку затоа што црвен картон на три минути пред финишот доби Благоја Љамчевски. Пред самиот крај на средбата, битолчани добија пенал кој во погодок го претвори искусниот Борче Маневски, но се немаше простор и време за нешто повеќе.

За Воска Спорт ова беше петнаесетта победа по 21 одиграни кола. Тимот има само еден пораз досега и со 50 бода стои на второто место зад лидерот Вардар кој има 52, а пред Гостивар со 47 бода.