• Саше Љолес
Пред нас самиот крај на Европското првенство и големото финале помеѓу Англија и Шпанија. Светот вечерва ќе го дознае новиот континентален владетел, а воедно ќе стане јасно и кој фудбалер ќе се закити со престижната „Златна копачка“.
Битката за трофејот кој му припаѓа на најдобриот стрелец е многу интересна, затоа што во моментов дури шестмина играчи имаат постигнато по три гола. Единствени кои можат да го подобрат овој скор се Хари Кејн од Англија и Дани Олмо од Шпанија, но и тука работите може дополнително да се комплицираат.
Поранешното правило велеше дека во случај на ист број голови, победник е оној што запишал повеќе асистенции, но УЕФА овој пат реши да го смени критериумот. Според старото правило, во подобра позиција е Олмо (има две асистенции, а Кејн нема ниту една), но според новите пропозиции, ако двајца или повеќе играчи имаат ист број погодоци, тогаш наградата ќе биде поделена меѓу нив.
Ова значи дека ако Олмо и Кејн не постигнат гол во финалето, престижниот трофеј би можел да заврши во рацете на шестмина играчи, што би бил историски и досега невиден момент на Европските првенства.