Изненадување од Лондон: Омилениот лик на фановите останува во Челзи

Искусниот француски фудбалер, Оливие Жиру, иако се шпекулираше дека е на излезни врати од „Стемфорд Бриџ“ и својата кариера ќе ја продолжи во Италија, сепак, останува во Лондон и ја продолжи соработката со Челзи

Откако во текот на денот лондонскиот гигант ги официјализираше новите договори со тренерот Томас Тухел и Тиаго Силва, следуваше можеби најголемото изненадување и потврдата дека во тимот останува и 34-годишниот француски напаѓач.

„Оливие беше важен дел од многу големи моменти во овој клуб, од освојувањето на ФА Купот во 2018 година и постигнувањето на единаесет гола на патот до титулата во Лига Европа во 2019 година.

Тој продолжи да постигнува важни голови и не можеме да го заборавиме неговиот учинок против Атлетико Мадрид во Лигата на шампионите оваа сезона. Може да понуди уште многу и ова беше единствената одлука што можевме да ја донесеме“, рече директорката на Челзи, Марина Грановскаја.

Еден од најомилените фудбалер на фановите на Челзи, за тимот од „Стемфорд Бриџ“ одигра вкупно 119 натпревари и постигна 39 погодоци, а моментално е на подготовки со својата селекцијата за настапите на Европското првенство.