Изненадувања во ВМФЛ: Лидерот „нокаутиран“ во Кочани, Скопје го доби дербито со Шкендија (ВИДЕО)

Трите водечки екипи во Втората македонска фудбалска лига, не победија во денешното осумнаесетто коло, од кои две запишаа порази, додека една освои само еден бод.

Лидерот Охрид попладнево разочара на гостувањето во Кочани, каде што домашниот тим на Осогово приреди големо изненадување и славеше победа од 1-0. Со овој триумф кочанскиот тим направи круцијален чекор во трката за директен опстанок во второлигашкото друштво, додека Охрид и покрај поразот ќе остане лидер, бидејќи без бодови остана и екипата на Шкендија Арачиново

Во дербито на колото Шкендија го забележа само вториот домашен пораз сезонава, а подобар тим од новајлијата во ВМФЛ беше директниот конкурент за промоција, Скопје. „Пиратите“ славеа со минимални 1-2 и се доближија на само еден бод до денешниот ривал. За Скопје погодија Виктор Ангелов и Александар Ѓурковски, за Шкендија Арачиново стрела Фикрет Ливарека.

Нов кикс забележа и тимот на Брегалница. Штипјани не успеаја да го скршат отпорот во Тетово и против Тетекс одиграа без голови. 

Тимот на Новаци уште еднаш покажа дека поседува квалитети за највисок пласман и со третата победа во низа остана во игра за баражот за влез во елитата. Новаци беше сигурен на гостински терен против Вардар Неготино, совладувајќи го со 1-2. Виктор Перчинков си даде автогол, за Новаци реализира и Антонио Марчевски. Единствен стрелец за Вардар Неготино беше Мартин Нејковски.

Најубедлив беше тимот на Детонит Плачковица, кој против Слога Виница триумфираше со 0-4 со головите на Александар Смилков кој погоди двапати, како и Мичковски Тони и Стефан Бабунски, а Кожуф во финишот избегна пораз од Саса (2-2). За Кожуф погодија Петар Гугуљанов и Лука Варошановски, за гостите стрелаа Михаил Танчев и Николов Лука.

Нов пораз забележа прилепска Победа, која сè уште не може да излезе од кризата и во својот дом загуби од Преспа со 1-5. За ресенчани победата ја донесоа Емуш Елмас (2), Неџми Реџеп, Јасин Казимоски и Александар Поповски, единствен стрелец за Победа беше Бојан Смилески.

Охрид останува лидер на табелата со 40 бода, Шкендија е втора со 39, а Скопје има 38 бода. Потоа следуваат Брегалница со 37, Новаци со 36 и Детонит со 35 бода.