Изненадувачки трансфер на Ѓорѓиевски: По три месеци го напушти Клуж и има нов клуб

По завршувањето на ланскиот шампионат во ПМФЛ, напаѓачот Марко Ѓорѓиевски се реши за интернационален предизвик и дресот на Силекс го замени со оној на Клуж во Романија. 25-годишниот поранешен младински репрезентативец имаше забележителни настапи во подготвителниот дел во новиот клуб, но по само три месеци, на изненадување на сите, направи нов трансфер и сега потпиша за Херманштад.

Ѓорѓиевски потпиша тригодишен договор за Херманштад, а како што информира клубот трансферот бил реализиран во последните часови од преодниот рок.  Ѓорѓиевски одигра само 11 натпревари за Клуж во сите натпреварувања и не постигна ниту еден гол.

Центарфорот запиша триесет меча за Силекс во изминатата сезона, а низ кариерата беше дел од српски Раднички и Вождовац, како и македонските Вардар, Борец, Шкупи, Брера и Силекс.