Изненадувачки избор: Испадна од Премиер, а сега е во преговори за нов тренер на Баерн!

Баерн Минхен веќе подолго време бара замена за Томас Тухел, за кој од поодамна се знае дека нема да ја продолжи соработката со германскиот клуб. Многу тренери одбија да се преселат во Минхен, а сега од „Алијанц Арена“ се насочуваат кон Винсент Компани.

Легендата на Манчестер Сити, а сега и тренер на Барнли, со кој сезонава испадна од Премиер лигата, би можел да стане нов тренер на Баерн. Претставниците на Баерн наводно веќе стапиле во контакт со Белгиецот и преговорите се во тек.

Компани минатата сезона го предводеше Барнли назад во Премиер лигата како шампион во Чемпионшип, но оваа сезона немаше решение да го задржи тимот во највисоката лига на англискиот фудбал.

Според многубројните медиуми, Компани е многу заинтересиран за работа во Баерн. Наместо да работи во втората лига на Англија, следната сезона би можел да биде тренер на еден од најголемите клубови во Европа. Има интерес од двете страни, останува само да се договорат деталите од договорот.

А дека таму нешто се случува, потврди и Фабрицио Романо, кој доби информација дека Компани е навистина една од опциите за Баерн.