• Горан Упале

Реал Мадрид повторно го совлада Ливерпул и со две победи над англискиот гигант се пласира во четвртфиналето во Лигата на шампионите, но „кралевите“ немаа многу време за славје, затоа што во недела ги чека најважниот досегашен дуел во сезоната.
На „Камп Ноу“ европскиот шампион ќе се судри со Барселона. Реал се обидува да се врати во борбата за шампионскиот трофеј во Примера, а Барселона со победа најверојатно ќе го преземе шпанскиот трон. Второто „Ел Класико“ во Примера го најави тренерот на Реал, Карло Анчелоти.
„Мислам дека ќе го освоиме шампионатот. Против Барселона мораме да го дадеме максимумот во одбраната и нападот“, рече искусниот стратег.
Анчелоти беше прашан за тандемот од средниот ред Лука Модриќ-Тони Крос.
„Изненаден сум бидејќи луѓето се сомневаат во Модриќ и Крос. Тие двајца сè уште се најдобри“, додаде Анчелоти.
Големото дерби на Примера се игра в недела со почеток од 21:00 часот.