Изјавата на првиот човек на Баерн пред отказот на Нагелсман стана вирална: „Голем напредок“

Баерн Минхен изненадувачки му подготви отказно решение на Јулијан Нагелсман. Младиот стручњак пред две сезони го презеде Баерн од Ханси Флик и уште во првата сезона ја освои германската титула. Се чинеше дека оваа сезона сигурно оди кон одбрана на трофејот, но од почетокот на 2023 година доживеа голем пад во Бундеслигата. 

<<< ПОВРЗАНО - Потрес во Минхен: Нагелсман пред отказ, Тухел чека на промоција

На последните десет првенствени натпревари победи на само пет и го загуби првото место кое убедливо го држеше пред Борусија Дортмунд.

Баерн го чека првенственото дерби токму со овој ривал, додека во четвртфиналето од Лигата на шампионите го извлече најтешкиот противник Манчестер Сити на Гвардиола. Затоа раководството на Баерн на вчерашната средба одлучи да го смени Нагелсман. Интересно, само четири дена пред да го отпушти Нагелсман, вака за него зборуваше претседателот на Баерн Херберт Хајнер во интервју за „Кикер“:

„Големиот напредок на тимот е видлив под водство на Нагелсман откако тој ја презеде функцијата пред година и пол. Јулијан работи многу добро. Сите шпекулации кои се објавуваат за неговата иднина се обични озборувања кои не доаѓаат од клубот. туку од надвор“.

Значи, јасно е зошто овие зборови на претседателот на Баерн, кажани непосредно пред отпуштањето на познатиот тренер, сега станаа вирални.