Изаир Емини чека „зелено светло“ за враќање во Шкендија пред мечот со Милан?

Не е тајна дека Изаир Емини е миленик на Ќатип Османи и дека тренерот на Шкендија веќе неколку недели се обидува да го доведе во Шкендија. Напаѓачот на Кукеши игра одлично во шампионатот на Албанија, а според медиумите од нашиот сосед, големи се шансите да се врати во Македонија. Емини не е најсреќен во Албанија, а понудата од Тетово го привлекува.

Нема да биде изненадување ако пред мечевите со Милан во Лига Европа, управата на Шкендија обезбеди трансфер и го доведе Изаир Емини на мегдан на „росонерите“. И така атомскиот напад на Шкендија со Бесарт Ибраими, Стенио Жуниор, Радески и Хасани, би добил уште едно големи име и расен стрелец. 

Според Емини тој е слободен фудбалер и му заврши договорот со клубот, а Кукеши смета дека има договор уште една сезона. Клубот и фудбалерот се во судска „војна“ и се очекува албанската федерација да пресече. Клубот се повикува на клузула во договорот, а фудбалерот смета дека таа не е задолжителна. Времето не е сојузник на Емини и Шкендија, бидејќи постојат реални опции целиот случај да се одолговлече и да минат плеј-оф натореварите од Лига Европа против Милан. Ако целиот случај не добие разрешница, ФИФА ќе пресече околу иднината на напаѓачот. 

Шкендија со недели има согласност за личните услови со фудбалерот, но не се меша во случајот додека не стигне одлуката на албанската федерација. Емини не тренира со екипата на Кукеши и се обидува да издејствува враќање во клубот во кој  мина пет сезони.