ВИДЕО: Ивановски и Аврамовски победија во ЛЕ, Велкоски и Сараево изненадија во Италија

Македонија имаше девет интернационалци во квалификациите за Лигата на Европа, а само двајца од нив успеаја да се радуваат на победи.

Триумф забележаа Мирко Ивановски и Даниел Аврамовски, кои настапија за Хајдук Сплит, односно Олимпија Љубљана.

Хрватскиот тим како домаќин со 1-0 беше подобар од бугарска Славија Софија, а Ивановски одигра 79 минути. Словенечкиот претставник, пак, на домашно тло со 5-1 го декласираше Крусадерс, а Аврамовски на теренот мина 76 минути.

Иван Тричковски со АЕК Ларнака одигра 0-0 на гостувањето кај Дандалк. Македонецот на гостински терен мина 90 минути. Во составот на кипарскиот тим не беше Даниел Мојсов, вториот македонски фудбалер кој настапува за овој тим.

До реми дојдоа и Агим Ибраими и Зени Хусмани со Домжале кај руска Уфа (0-0), како и Крсте Велкоски, кој како капитен со Сараево направи големо изненадување и одигра 2-2 на тешкото гостување кај Аталанта, во кое босанскиот тим се врати од негатива од два гола. Исто така нерешено одигра и Мариупол на Бесир Демири, на гости кај Ѓурѓарден (1-1).

Порази забележаа Виктор Ангелов со Ујпешт на гостувањето кај Севиља (4-0), како и Александар Тодоровски со Раднички Ниш кај Макаби Тел Авив (2-0).