ВИДЕО: Ивановски е херој, Тиквеш со пресврт слави над Брегалница

Екипата на Тиквеш успеа да слави со 2-1 над Брегалница Штип во источното дерби од осмото коло во Првата македонска фудбалска лига. Поголемиот дел од возбудувањата се случија во второто полувреме, а публиката беше сведок на динамичен и интересен натпревар. 

  • Головите од натпреварот:

Почетните петнаесетина минути беа во знакот на мирната игра, двете екипи не сакаа пребргу да се „отворат“, но може да се каже дека Тиквеш имаше малку посериозна иницијатива.  Домашните имаа една изгледна шанса во 21. минута, но не успеаја да го отворат резултатот. Се чинеше дека кавадарчани се поблиску до водство, но гостите беа тие што ја затресоа мрежата на голманот Стојан Димовски. Јамајканскиот двоец Вебстер - Андерсон стапи на сцената и по еден одличен контра напад, Брегалница поведе со 0-1 во 23. минута. Андерсон биеше неодбранливо со глава од само четири-пет метри и штипскиот прволигаш со минимална предност замина на паузата.

Тиквеш заигра многу подобро на почетокот од второто полувреме. Домашните фудбалери влегоа мотивирано и успеаја да израмнат во 52. минута преку Едиз Спахиу. Моментумот беше добар за кавадарчани, тргнаа посилно кон гостинскиот гол, но Брегалница успеа да извлече пенал преку Грузиецот Лука Робакидзе во 68. минута. Костариканецот Венегас се намести на белата точка, но искусниот Димовски го одбрани неговиот прилично млак удар.

Домашниот тим доби уште поголема мотивација за остатокот на натпреварот и се обидуваше да дојде до втор погодок. Последните десет минути понудија прилично отворена игра на двете страни, се чинеше како да падна „гардот“ кај ривалите, а тоа најдобро го искористи Иван Ивановски, кој го постигна вториот гол за Тиквеш во 90. минута. Се случи „експлозија“ од радост на трибините во Кавадарци и домашните успеаја да го затворат мечот со конечни 2-1. 

Ова е прв триумф за Тиквеш над Брегалница откако екипите се вратија во Првата македонска фудбалска лига. Вреди да се напомене дека искусниот Даниел Мојсов заработи посериозна повреда на главата уште во првото полувреме, но по укажаната помош, се врати на теренот и со преврска го доигра мечот. 

Тиквеш се искачи на петтото место со 13 бода, а Брегалница е осма со 9 бода.