• Зоран Мишевски

Со своите математики за освојување на бодови за титулата и за опстанок во лигата, Пелистер и Вардар вечерва ќе се соочат во натпреварот од 26. коло на Првата фудбалска лига (ПМФЛ). Во пресрет на дербито, капитенот на Пелистер, Мирко Ивановски, ја потенцираше важноста на натпреварот и моментот во кој се наоѓа тимот
„Најголемото македонско дерби за цела Македонија претставува вистински спектакл – натпревар кој сите со нетрпение го очекуваат, како поради случувањата на теренот, така и поради атмосферата на трибините.
Победата во Тетово не ни донесе само три бода, туку и многу повеќе од тоа. Може да се покаже како еден од клучните пресврти во сезоната, за жал во борбата за опстанок. Тоа го напоменав и претходно – дека победа против некоја од првите четири екипи може да ни донесе голем пресврт. Токму тоа се случи пред дербито, против Шкендија, која според мене е најдобрата екипа во Македонија и игра најдобар фудбал.
На навивачите нема што многу да им порачам – тие се нашиот дванаесетти играч. Очекуваме да дојдат во што поголем број и да нè бодрат до последната секунда. Дербито може да го реши една грешка, може да се постигне гол во последните моменти, како минатата сезона. Затоа ни е потребна поддршка сите деведесет минути, а на крајот се надевам дека заедно ќе се радуваме на победата“, рече капитенот.
Дуелот меѓу битолчани и скопјани, вечерва под светлото на рефлекторите во Битола, ќе го води Доне Ристовски од Гевгелија.






