• Горан Упале
Екипата на Кожуф има одличен старт на сезоната во Втората македонска фудбалска лига (ВМФЛ), но денес пред гевгеличани следи голем предизвик и дуел со битолски Пелистер. Капитенот Бојан Иванов го најави дербито на колото и вели дека Кожуф има свои цели и амбиции и се надева на нов позитивен резултат
„Кожуф одлично ја започна сезоната. Има четири победи на исто толку натпревари и е на делба на првата позиција на табелата. Следен предизвик за нас е натпреварот со Пелистер. Сите знаеме што значи Пелистер за македонскиот фудбал, а особено кога се натпреварува во ВМФЛ. Но, секако и ние имаме свои амбиции и цели на овој натпревар, а во првенството. Спремни сме да забележиме уште еден позитивен резултат“, вели Иванов.
Кожуф ќе добие голема поддршка од домашната публика, но и Пелистер нема да биде сам, затоа што „Чкембарите“ најавија свое присуство во Гевгелија. Натпреварот започнува од 15:00 часот.