• Горан Упале

Многу веројатно Оле Гунар Солскјер ги потроши сите „џокери“. Норвешкиот стратег многупати досега се спасувал кога бил на раб од отказ од менаџерската функција во Манчестер Јунјатед, но сега се чини дека му дојде крајот.
По дебаклот против Ливерпул и срамниот пораз на „Олд Трафорд“ од 0-5, чашата е прелиена и наскоро Солскјер ќе го добие отказното решение. Бројни островски медиуми пренесуваат дека Норвежанецот веќе е минато и сè зависи само од потрагата по неговиот наследник. Јунајтед нема ниту многу време, ниту голем избор. Следуваат гостувањата против Тотенхем и Аталанта, а потоа големото дерби против Сити, по што следува репрезентативна пауза. Се чини дека Јунајтед нема време да ја чека новата пауза и дека дотогаш треба да најде нов менаџер и да го раскине договорот со Солскјер, кој трае до јуни 2024 година.
Директорот на клубот Ричард Арнолд денес ги откажа сите однапред закажани состаноци за да разговара со сопствениците на клубот, семејството Глејзер. Моментално се наоѓаат во Обединетите Арапски Емирати поради купувањето на индиски крикет клуб, но поради вчерашниот дебакл ќе мора да се справат и со кризата во Манчестер Јунајтед.
Антонио Конте е име кое сè повеќе се споменува во контекст на наследник на Солскјер. Шпанските медиуми пишуваат дека на Зинедин Зидан не му паѓа на памет да го „изгасне пожарот“ на „Олд Трафорд“, а наводно и Сер Алекс Фергусон и Кристијано Роналдо дале „зелено светло“ за преговори со италијанскиот стратег, кој во Премиер лигата стана шампион со Челзи.