Италијанска фудбалска легенда седнува на жешкото столче на Хајдук?

Сплитски Хајдук повторно му гледа во грб на големиот ривал Динамо Загреб. Во оваа натпреварувачка сезона се очекуваа големи нешта на „Пољуд“, се надеваа дека конечно може да го вратат долгоочекуваниот трофеј, а потоа момците во бели дресови доживеаја тотален колапс во финишот на хрватскиот фудбалски шампионат, а на крајот беа дури и под Ријека.

„Торцида“ не можеше да се радува ниту на утешниот трофеј во Купот, кој во изминатите години беше лек за да ги залечат раните на навивачите и еден вид на најава дека промените се блиску. Но, Динамо славеше и во Купот, па управата на Хајдук се реши да прави големи промени.

Имено, локалните медиуми пренесуваат дека Хајдук е заинтересиран да го доведе Џенаро Гатузо за шеф на стручниот штаб. Досега на „Пољуд“ веројатно немало поголемо име, но мора да се нагласи дека тренерската класа не се споредува со играчката. Сепак, во повеќето од неговите работни места, Гатузо се покажа како некој што може да ги шокира и раздрма тимовите кои се во пад.

Шпекулацијата околу доведувањето на Гатузо може да стане реалност, бидејќи нов спортски директор на Хајдук е Никола Калиниќ, некогашен успешен фудбалер кој своевремено соработуваше со Гатузо – во Милан во сезоната 2017/18.

Последен ангажман на Џенаро Гатузо беше на клупата на Олимпик Марсеј, од која доби отказ по 24 натпревари. Претходно раководеше со Наполи и Валенсија.