• Мартин Танасковски
Најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев продаде мнозинство од акциите на фудбалскиот клуб Академија Пандев и екипата ќе има нов сопственик во следната сезона, тоа е италијанскиот колектив Брера Холдинг.
На берзата се продадоа 90% од акциите на струмичкиот прволигаш, претходно објави „Фактор.мк“. Според објавеното од македонскиот медиум, продадени се 2.250 акции за сума од 603.000 евра. Италијанска Брера потврди дека тие се новите газди на Академија Пандев, објавена е фотографија од потпишувањето на договорот од страна на Горан Пандев од едната, а генералниот директор Серџо Скалпели од другата страна.
Визијата на Брера е да се изгради еден стабилен колектив кој редовно ќе биде дел од натпреварувањата на УЕФА, а истовремено покрај најдобрите македонски таленти да се привлечат и други млади играчи од Африка и Јужна Америка, кои ќе имаат од 18 до 21 година и ќе имаат шанса да го покажат потенцијалот во Македонија. Во ПМФЛ, дозволено е да се има осум странски играчи.
Се работи за третиот клуб од Милано, по Интер и Милан, со кој Горан Пандев имаше активни преговори подолг период, а и беше гостин на повеќе настани организирани од екипата околу бизнис-климата.
Академија Пандев е близу да обезбеди опстанок во елитното друштво. Од актуелните акции, останати се само 250 акции кои се во сопственост на Горан Пандев. Се очекува ребрендирањето на екипата, како и промената на името за следната сезона.