Италијанците поради Премиер лигата ќе играат во Австралија!

Фудбалскиот клуб Комо издаде соопштение по јавниот протест околу веста дека првиот тим ќе игра натпревар од Серија А во Австралија. Тимот, предводен од Сеск Фабрегас, треба да играат во Перт во февруари во рамки од 24 коло од италијанското првенство против Милан.

Неколку играчи од „росонерите“ веќе се изјаснија против потегот на челниците на лигата, а сега Комо избра страна - спротивна од нивната.

„Доколку ФИФА одобри, Комо ќе отпатува во Перт во февруари и ќе игра против Милан во заеднички напор Серија А повторно да стане тема на разговор во фудбалскиот свет и да се обезбеди светла иднина за секој тим што се натпреварува во неа. Свесни сме дека ова патување ќе бара жртви. Сепак, тие понекогаш се неопходни. Не за индивидуалното добро, туку за поголемото добро, растот и опстанокот на самата лига“, се вели во соопштението на Комо.

Тие ја избраа англиската Премиер лига како пример за тоа како да се прават работите, чии натпревари, спротивно на нивниот аргумент, не се играат надвор од границите на земјата.

„Премиер лигата продолжува да доминира. Нивните договори за права за емитување вредат 12 милијарди евра во следниот циклус помеѓу 2025 и 2029 година. За првпат досега, нивните приходи од странство се поголеми од оние што доаѓаат од домашни извори. За споредба, договорот со Серија А се проценува на 900 милиони евра, додека ние заработуваме помалку од 10 проценти од она што Премиер лигата го заработува од странство. Оваа нерамнотежа им дава на англиските клубови огромна финансиска предност, дозволувајќи им да ги задржат своите ѕвезди, да привлечат талентирани играчи и да го прошират своето глобално влијание“, додаваат од Комо.

Комо има солиден старт на сезоната во Серија А и по шест кола е на осмото место со девет бода.