Италијанците наместо на фудбал, пред мечот со БиХ преговарале за – премија!

Италијанските медиуми открија скандалозна информација по неуспехот во баражот за Светското првенство.

Имено, репрезентативците побарале премии пред одлучувачкиот натпревар против Босна и Херцеговина. Според „Ла Република“, фудбалерите инсистирале на бонус од вкупно 300.000 евра, односно околу 10.000 евра по играч, кој би бил исплатен во случај на пласман на Мундијалот. Оваа информација очекувано предизвика бес во италијанската јавност, особено ако се земе в предвид дека сумата од 10.000 евра за еден професионален фудбалер не е ништо.

Џенаро Гатузо реагирал и ги прекинал разговорите, потенцирајќи дека за премии може да се зборува само по обезбеден пласман, а не пред клучен натпревар.

Италија на крајот беше поразена од Босна и Херцеговина по изведување пенали, по што Гатузо поднесе оставка. Тој замина од функцијата заедно со првиот човек на федерацијата Габриеле Гравина, како и легендарниот Џанлуиџи Буфон, кој ја извршуваше функцијата шеф на делегацијата.