ВИДЕО: Италија се прошета и низ БиХ, Олмо со гол дебитираше за Шпанија, Шведска ќе игра на ЕП

Репрезентацијата на Италија продолжува со перфектната игра во квалификациите за Европското првенство следната година и е на добар пат истите да ги заврши со десет победи од исто толку натпревари. 

Вечерва, во рамки од деветтото коло во групата Ј, поранешниот светски шампион запиша нова убедлива победа и со 0-3 ја совлада домашната селекција на Босна и Херцеговина. Избраниците на Роберто Манчини одиграа нов фантастичен меч и без поголеми потешкотии го освоија „Билино Полје“. Резултатот го отвори Ачерби со гол уште во 21. минута, а до крајот на првиот дел италијанското водство го зголеми Инсиње. 

Во вториот дел „аѕурите“ продолжија во ист ритам и по неколкуте полушанси, точка на мечот стави Белоти на асистенција на Барела. Домашната селекција речиси и ништо да не покажа на вечерашниот меч и не креира ниту една посериозна шанса пред голот на големиот фаворит. 

Шпанија, пак, предводена од ветеранот Санти Касорла на убедлив начин ги заврши домашните натпревари од квалификациите за ЕП. Во Кадиз совладана беше селекцијата на Малта со 7-0, а на теренот, покрај легендарниот Касорла, блесна и дебитантот Дани Олмо, кој по само три минути игра го постигна својот гол-првенец во дресот на „црвената фурија“. Покрај ѕвездите на Виљареал и Динамо Загреб, мрежата на Малта уште ја затресоа Сарабија, Мората, Морено, Торес и Навас. 

Вечерва уште една селекција од северот обезбеди учество на Европско првенство. По Финска која за првпат ќе биде дел од еден континентален собир, селекцијата на Шведска стигна до потребната победа над Романија (0-2) на гости и на едно коло до крајот на квалификациите и математички се избори за ново Европско првенство.