Италија може да игра на СП во Катар? Тешко е, но не и невозможно!

Италија Македонија

Фудбалската репрезентација на Италија испадна од Македонија во баражот за Светското првенство, но гледа шанса да игра на светскиот собир поради грешката која ја направи Еквадор и поради која селекцијата би можела да биде исфрлена.

„Газета дело спорт“ во денешното издание објави дека се уште постојат шанси „аѕурите“ да играат на големиот фудбалски настан. За ситуацијата говореше Франко Кименти, кој кажа дека Италија како најдоброрангирана репрезентација без Светско првенство може да се најде на собирот.

„Постои можност Италија да игра на Мундијалот, можноста е многу голема, поголема одошто сите мислат. Изгледа дека Еквадор користел играч кој немал право да игра за нив. И за тоа може да плати. Се разговара за некоја можност. Ако таа постои, тогаш Италија треба да го замени Еквадор, затоа што постои ФИФА-правило кое вели дека најдобриот тим според ранкингот, кој не е на Светско првенство, би добил место. А тоа во моментов е Италија“, изјави Кименти.

Целата постапка против Еквадор ја започна репрезентацијата на Чиле. Се работи за играчот Кастиљо кој настапил, но немал право да игра. Доколку Еквадор ги загуби бодовите службено, тогаш Чиле ќе биде селекцијата која патува на Мундијалот според табелата во Јужна Америка. Но, Италијанците истовремено се надеваат дека ФИФА ќе го искористи правилото и ќе ги остави Јужноамериканците без едно место, а местото на Светското првенство ќе го добие Италија.