• Горан Упале

Екипите на Севиља и Рома ќе го одиграат последниот натпревар од овосезонската Лига на Европа. „Кралот“ во ова натпреварување по возбудлив натпревар пред својата публика го елиминира фаворизираниот Јувентус, додека Рома на Жозе Мурињо се одбрани од налетите на Баер Леверкузен и слави ново европско финале.
Финалниот натпревар е закажан за на 31 мај во Будимпешта, а победникот на оваа средба покрај тоа што ќе го подигне трофејот, ќе обезбеди пласман во Лигата на шампионите следната сезона.
Двете екипи во своите шампионати се надвор од местата кои што водат во европската елита, па така следната сезона или Шпанија или Италија ќе има пет учесници во Лигата на шампионите.
Оваа сезона пет екипи во Лигата на шампионите имаше Германија, откако Ајнтрахт Франфурт ја освои Лигата на Европа, а во Бундеслигата заврши на единаесеттото место.