• Саше Љолес

Европската фудбалска асоцијација (УЕФА) ги одреди четвртфиналните двојки за завршницата во овогодинешното издание од Лигата на нации.
Навивачите ширум стариот континент ќе имаат прилика да проследат четири спектакуларни дуели на селекции од фудбалскиот „крем“, а меѓу нив имаме и натпревари помеѓу повеќекратни европски и светски шампиони.
Репрезентацијата на Холандија ќе има тешка задача против актуелниот европски шампион, Шпанија, додека Хрватска ќе се соочи со силната Франција и сите ѕвезди на „триколорите“. Кристијано Роналдо и Португалија ќе излезат на мегдан со незгодната Данска, додека најголемо внимание веројатно ќе привлечат дуелите на два европски гиганти, Италија и Германија.
Четвртфинални парови во Лигата на нации:
Холандија - Шпанија
Хрватска - Франција
Данска - Португалија
Италија - Германија
Во полуфиналето ќе се соочат подобриот од дуелот Италија/Германија со победникот од двомечот Данска/Португалија, додека победникот од Холандија/Шпанија ќе се сретне со подобриот од дуелите меѓу Хрватска и Франција.
Актуелен шампион во Лигата на нации е репрезентацијата на Шпанија, а по еден трофеј во ова натпреварување имаат уште селекциите на Франција и Португалија. Четвртфиналните натпревари се закажани за 20 и 23 март идната година.