ВИДЕО: Италија го доби „турбо-дуелот“ со Белгија за полуфинале на ЕП!

Фудбалерите на Италија ја елиминираа Белгија во четвртфиналето на Европското првенство, откако победија со 2-1 на „Алијанц Арената“ во Минхен. „Азурите“ одиграа мудро, тактички перфектно и зрело, поведоа со два голови преку Барела и Инсиње, а погодокот на Лукаку беше враќање на надежта. Сепак, момците на Манчини се одбранија и на крајот се радуваа на полуфинале на континенталниот собир. 

  • Извештај од натпреварот: 

По воведното испитување на силите, Италија успеа прва да ја затресе противничката мрежа. По центаршут од слободен удар, Бонучи ѝ го смени правецот на топката и ја смести зад грбот на Куртоа за италијанско славје. Сепак, се огласи ВАР собата и сигнализираа дека имало офсајд при акцијата. 

Белгијците презедоа иницијатива, заиграа подобро и притиснаа. Првата голема шанса за „ѓаволите“ ја имаше Кевин Де Брујне, со удар од околу 25 метри, но изнуди одлична одбрана од Донарума. По него, по добра контра се закани и Лукаку ама акцијата имаше сличен исход. Италија тргна посмело, следеа шанси на Киеза и Инсиње, а Белгија се одбрани. По една конфузија во одбраната по левата страна проби Николо Барела, кој успеа да го матира Куртоа за 0-1 во 31. минута од натпреварот. 

„Азурите“ успеаја да ја удвојат позитивата пред финишот на полувремето. Лоренцо Инсиње изведе мајсторија, сам си направи простор и со ефектен удар со многу ефе погоди во подалечниот агол од голот на Белгија за 0-2 во 44. минута. Сепак, тоа не беше резултат кој фигурираше на полувремето, бидејќи Ромелу Лукаку од белата точка донесе намалување (1-2). Ди Лоренцо го фаулира брзиот Доку, а напаѓачот на Интер го надмудри Донарума за „ѓаволска“ надеж.

Второто полувреме тргна изедначено, со тактичко надмудрување на двата селектори. Тоа ѝ одговараше на Италија, но Белгија мораше да го менува стилот. По грешка на Ди Лоренцо, Ромелу Лукаку имаше неверојатна шанса, излета пред голот по проигрување од Де Брујне, но Спинацола спаси од гол линија. На спротивната страна, две шанси за Италија испуштија токму Спинацола, а по него и Инсиње.

Во завршните десет минути, Белгија не успеа да ја пробие гранитната одбрана на „азурите“ и мораше да се помири со поразот и елиминацијата од Европското првенство. Во полуфиналето, Италија ќе се пресмета со Шпанија.

Состави

Роберто Мартинез

3-4-3

    Роберто Манчини

    4-3-3