ВИДЕО: Италија демонстрира моќ, ја надигра Турција и со триумф тргна на ЕП!

Репрезентацијата на Италија ја исполни целта, победи на отворањето на Европското првенство во пресметката со Турција со 0-3 (0-0). Дуелот на „Олимпико“ во Рим во целост им припадна на номиналнo гостите, бидејќи избраниците на Роберто Манчини го надиграа ривалот во секој сегмент од играта. Ако во првиот дел немаа среќа, таа ги погледна во продолжението и со автогол на Демирал и голови на Имобиле и Инсиње, Италија освои први бодови. 

„Аѕурите“ мотивирани од домашниот терен и фановите на трибините тргнаа офанзивно, сигурно и поконкретно. Турција пак, својата шанса мораше да ја чека по контра напад или брза транзиција, а тимот беше насочен кон одбрана на својот гол. Првата закана за Италија ја имаше Лоренцо Инсиње, по одлична тимска акција излета осамен од лево и биеше крај голот. По него, се закани и капитенот Џорџо Кјелини со глава по корнер, но голманот Чакир атрактивно одбрани. 

Шансите пред голот на Чакир се редеа, но ниту една не беше доволно опасна за да го натера голманот на Трабзонспор да ја вади топката од мрежата. Берарди, Имобиле и Инсиње упатија удари кон турскиот гол, кои беа лесна задача за Чакир. Најинтересниот момент во првиот дел се случи во завршната минута. Спинацола издрибла и проби од лево, сакаше да нафрли и упати топка кон пеналтикот, ама истата го погоди Зеки Челик в рака. Иако ситуацијата се проверуваше во ВАР собата, Макели одлучи дека нема елементи за најстрога казна и покрај домашните протести. 

Ѓунеш и Манчини се решија да ги пуштат Ундер и Ди Лоренцо во игра по паузата, а фудбалерот на Лестер веднаш имаше полушанса пред голот на Донарума. Сепак, Италија беше таа која поведе со автоголот на Мерих Демирал во 53. минута. Акцијата тргна по брза транзиција, па од десно во шеснаесетникот влета Берарди, го издрибла чуварот и упати топка на средината, а таму Демирал несреќно ја одби во својот гол за 0-1. 

„Аѕурите“ беа апсолутно подобар ривал, па иако Турција се отвори и се обиде да се врати тоа не резултираше со успех. Предноста на Италија успеа да ја удвои Чиро Имобиле, откако во 66. минута втор пат го натера Чакир да ја вади топката од мрежата (0-2). Напаѓачот на Лацио доби прецизен пас од Спинацола, убаво се снајде и биеше во спротивниот агол од голот за комфортна предност. Во продолжението и покрај многуте измени и обиди на Ѓунеш да ги разбуди своите фудбалери, Италијанците дојдоа и до трет погодок. По грешка и скратена топка на Берарди, Имобиле го проигра Лоренцо Инсиње кој стрелаше за 0-3 во 79. минута.

  • Извештај од натпреварот: 

До крајот на средбата, момците на Манчини мудро го приведоа натпреварот кон крајот и на убедлив начин прокнижија први бодови на Европското првенство.