Италиано: Купот е освоен, сега сонуваме да се пласираме во ЛШ!

Винченцо Италиано се покажа како одлична замена за Тиаго Мота на клупата на Болоња и успеа да оствари историски успех, носејќи му на клубот првиот Куп-трофеј после дури 51 година. 

После финалниот натпревар со Милан (1-0), искусниот тренер рече дека „му требаат два дена да ги среди мислите“, а сега конечно даде и поопширна изјава за медиумите.

„Да, навистина сакав малку да се одморам. Имавме напорна сезона која уште трае, мораме да бидеме фокусирани до самиот крај. Голем излив на енергија и емоции, трофејот во Купот е нешто за кое сонувавме во последно време. 

Градот славеше цела ноќ, а јас уживав во глетката. Сакам сите да знаат дека сме неизмерно горди и среќни, но во исто време мислиме на последните два меча во првенството. Ќе се обидеме да дојдеме до Лигата на шампионите за да оствариме уште поголем успех“, рече Италиано. 

Болоња во моментов има 62 бода, два помалку од Јувентус и Лацио, кои се на четвртата и петтата позиција. Рома е шеста со еден бод повеќе. До крајот на сезоната во Серија А остануваат уште две кола.