Историски успех на второлигаш, го освои романскиот Куп и обезбеди европско лето

Интересна приказна доаѓа од Романија, каде што изненадувачки освојувач на тамошниот куп е второлигашот Корвинул Хунедоара. Оваа екипа во мечот за трофејот го совлада тимот на Отелул Галати откако подобро изведуваше пенали (3-2), бидејќи мечот по регуларното време беше нерешен 2-2. 

На патот до трофејот Корвинул исфрли неколку великани од Романија. Походот започна против Петросани, потоа играа со Чиндија, Сепси и Прогресул. Во четвртфиналето тимот го декласира Клуж, а во полуфиналето слави со Волунтари и избори меч за трофејот со Отелул.

Овој успех е историски за Корвинул кој постои од далечната 1921 година. Никогаш досега клубот не кренал голем романски трофеј, само четири пати ја освојуваше Втората лига во која во моментов настапува. Најдобар успех во романската елита му е пласманот на третото место во 1982 година.

Со победата во финалето и освојувањето на Купот, екипата на Корвинул Хунедоара си заработи место во квалификациите за Лигата на Европа.