Историски подвиг на ЛАСК, по Купот ја освои и титулата после 61 година!

Екипата на ЛАСК испиша историја и ја освои шампионската титула во Австрија, првпат по дури 61 година. 

Клубот од Линц ја круниса фантастичната сезона со голем успех, враќајќи се на врвот на австрискиот фудбал првпат по легендарната 1965 година, кога последен пат беше шампион на оваа земја. 

За ЛАСК ова е еден од најголемите моменти во клупската историја, особено ако се знае дека во изминатите децении тимот минуваше низ тешки периоди, финансиски проблеми и настапи во пониските лиги.

Тимот сезонава одигра одлично во клучните натпревари и успеа да ги надмине фаворитите како Салцбург и Штурм Грац, кои со години доминираат во австрискиот шампионат.

Големото славје веќе започна во Линц, каде навивачите го прославуваат историскиот успех и враќањето на клубот меѓу европските фудбалски приказни. ЛАСК неодамна го освои и Купот на Австрија, со што ја комплетира една од најуспешните сезони во својата историја.