• Саше Љолес
Екипата на Баерн Минхен потешко од очекуваното го совлада тимот на Спортинг од Лисабон со конечни 3-1 (0-0) во натпреварот од шестото коло во групната фаза на Лигата на шампионите.
- Извештај од натпреварот:
Првите 45 минути не понудија погодоци и покрај тринаесетте шутеви на домаќинот кон голот, затоа што португалскиот тим успеа да го запре налетот на Баварците. Фрустрацијата на Баерн се зголеми откако Џошуа Кимих си постигна автогол во 54. минута, но потоа тимот на Винсент Компани заигра многу порешително и не дозволи непријатно изненадување за своите навивачи.
Најпрво на 1-1 израмни Серж Гнабри, кој беше буквално сам и заборавен од гостинската одбрана, а потоа на сцената стапи новата ѕвезда Ленарт Карл, кој погоди за 2-1 и стана најмладиот играч во историјата кој постигнал голови на три последнователни мечеви во елитниот ранг на УЕФА.
Победата беше запечатена со погодокот на Џонатан Тах, кој зголеми на 3-1 во 77. минута и го постави конечниот резултат на мечот. За Баерн Минхен ова беше петти триумф сезонава, со кој привремено се враќа на второто место на табелата, а Спортинг останува на десет бодови, но има реални шанси за пласман во плеј-офот од Лигата на шампионите.







