Историја во ЛШ: Најмладиот голман е меѓу стативите во Неапол!

Лигата на шампионите го доби најмладиот голман во историјата, затоа што меѓу стативите на Генк застана Мартен Вандевордт, кој има само 17 години и официјално е нов рекордер. 

Ова е негов деби-настап во елитните натпреварувања на УЕФА, а Мартен со само 17 години девет месеци и десет дена ќе го мине Миле Свилар, кој првпат бранеше на 18 години, еден месец и 21 ден. 

Зад голманите на Генк и Бенфика на листата најмлади чувари на мрежата кои се појавиле на официјален натпревар од елитното континентално натпреварување се наоѓа легендата на Реал Мадрид, Икер Касиљас кој своевремено застана на голот со 18 години три месеци и 26 дена. 

Топ пет најмлади голмани ги заокружуваат Николај Михаилов од Левски Софија, кој за првпат бранеше во Лигата на шампионит на 18 години, четири месеци и три дена. На петтото место се наоѓа рускиот голман Игор Акинфеев, кој за ЦСКА Москва бранеше на 18 години, пет месеци и шест дена. На оваа листа во ТОП 10 се наоѓаат и Давид Де Хеа во времето од Атлетико Мадрид, како и Пепе Реина на стартот на кариерата во Барселона. 

Вандевордт е во официјалниот протокол на Генк за гостувањето кај Наполи, а доколку нема никакви изненадувања ќе го преземе приматот најмлад голман кој се појавил на терените во шампионската лига. 

Инаку, младиот голман доби шанса за настап по повредата на Дени Вуковиќ, а веќе бранеше во првенството и Купот на Белгија. Во средбата од Купот настапи 120 минути, а успеа и да одбрани еден пенал во поразот од Антверпен.