Истанбул пак остана без финале во ЛШ: УЕФА денес ќе го официјализира новиот домаќин

Европската фудбалска федерација (УЕФА) скоро сигурно ќе го промени домаќинот на финалето во Лигата на шампионите, а официјалната одлука се очекува да биде објавена денес.

Така, втора година по ред Истанбул ќе остане без организација на финалето во елитното натпреварување, кое на 29 мај најверојатно ќе се игра во Португалија, односно на стадионот „Драгао“.

Во последен момент УЕФА одлучи да го промени домаќинот на последниот натпревар во кој ќе се судрат англиските гиганти Манчестер Сити и Челси, откако Англија ја стави Турција на „црвената“ листа на ризични земји за своите граѓани.

Ова значи дека навивачите, новинарите и играчите ќе мора да бидат ставени во карантин при враќањето од оваа земја, па УЕФА реши да реагира и да го смени домаќинот на финалниот натпревар и со тоа да им олесни на англиските клубови и фанови да ги организираат своите патувања.

На крајот беше одлучено овогодинешното финале да се игра на стадионот на Порто, „Драгао“ , а официјалната потврда на оваа информација се очекува да пристигне денес.