Истанбул на нозе: Чиро Имобиле слета и потпиша со Бешикташ! (ВИДЕО)

Доскорешниот капитен на Лацио искусниот Чиро Имобиле ќе ја продолжи кариерата во Супер лигата на Турција. 

34-годишниот напаѓач се пресели во редовите на Бешикташ за три милиони евра. Со турскиот клуб Имобиле парафира договор до 2026 година и веќе пристигна во Истанбул, каде што стави свој потпис. Емоциите на навивачите беа огромни, во голем број го дочекаа одличниот голгетер по неговото слетување на истанбулскиот аеродром. 

Чиро Имобиле е рекордер по бројот на голови во една сезона во Серија А. Тоа место го дели со Игуаин со по 36 гола во сезона, а во последните осум години играше со голем успех за Лацио. Во таборот на „бјанкочелестите“ се задржа најдолго, бидејќи претходно од 2011 година смени многу клубови. 

Како играч на Јувентус беше позајмуван во Гросето и Пескара, потоа беше купен од Џенова, па вратен назад во јуве. Играше уште за Торино, Борусија Дортмунд и Севиља, а долго време беше прв избор и во репрезентацијата на Италија.