• Мартин Танасковски
Навивачите на Фенербахче го „запалија“ аеродромот, масовно се собраа, го окупираа просторот и беа добро снабдени со пиротехника. Веруваат дека францускиот играч за врска Нголо Канте може да биде клучна алка во походот кон првата титула уште од сезоната 2013/2014. Ова не им е првпат да чекаат звучно засилување и на улица, и преку стрим.
Летот на Канте беше следен во живо на Јутјуб од околу 100.000 луѓе, а како што минуваше времето, бројката постојано растеше. Во еден момент, токму кога високите функционери почнаа да се огрнуваат со шалови и да се подготвуваат за излегувањето на Нголо Канте од авионот, на каналот имаше околу 170.000 гледачи. Канте го стави шалот околу вратот, следува потпис на договорот, а веќе е познато и што го очекува. Французинот сериозно ќе се „офајди“ во градот на Босфор.
На платформата каде јавно се објавуваат платите се појави информација дека Канте до крајот на сезоната 2025/2026 ќе инкасира 5.500.000 евра, а во сезоните 2026/2027 и 2027/2028 ќе заработува по 11.000.000 евра. И тоа не е сè, ова е износот што му следува по договор, а постои и дополнителен дел „под жиро“.
На рака, Канте ќе добие дури 14.400.000 евра. Очигледно, му се исплатеше тоа што ФИФА даде „зелено светло“ да се реализира размената меѓу Ал Итихад и Фенербахче по затворањето на зимскиот преоден рок во Саудиска Арабија.
Прочитајте повеќе околу трансферите во Македонија и во светот на ОВОЈ линк.

