Иста „песна“ и оваа година: ПСЖ го декласира Лион и го освои Суперкупот (ВИДЕО)

Францускиот шампион ПСЖ и новата сезона ја започна исто како што ја заврши старата. Под водство на новиот тренер Унаи Емери, парижаните го освоија „Трофејот на шампионите“ - Суперкупот на Франција, со победата против Лион со 4-1 (3-0).

Мечот се одигра во Клагенфурт (Австрија), каде екипата на ПСЖ целосно го декласира вицешампионот. Хавиер Пасторе уште во 9. минута го отвори резултатот и ја искористи довербата од тренерот Емери. Десет минути подоцна Лукас Моура зголеми на 2-0, а дебитантот во дресот на шампионот, Хатем Бен Арфа во 34. минута ја најави катастрофата на фудбалерите на Лион.

Вториот дел беше чиста рутина и иако можеше да постигне многу повеќе голови, првакот постигна само уште четврт гол преку десниот бек Лајвин Курзава. Во 87. минута Толисо по додавањето на Жале намали на 4-1, што на крајот беше конечен резултат. И без Златан Ибрахимовиќ и Лоран Блан, ПСЖ делува пресилно за сите други клубови во францускиот шампионат.

Првенството во кое ПСЖ тргнува по уште една титула по ред, официјално започнува следниот викенд.