Исмаили: Против Скопје на гости е секогаш тешко

Башкими ќе бара поправен на гостувањето кај Скопје, откако минатата недела на домашен терен загуби од Шкендија Арачиново со 1-2. Кумановскиот тим во меѓувреме го засили нападот со две нови имиња, па дуелот на стадионот при ФФМ ќе биде прва можност за новите офанзивци да се претстават во дресот на Башкими.

Екипата на Башкими минатата недела успеа да ја прекине голгетерската криза, но тоа не беше доволно да се избегне поразот од 1-2 против тимот на Шкендија Арачиново во Куманово. Ова дополнително ги поттикна челниците на кумановскиот клуб да побараат нови засилувања во нападот. Во тимот беа претставени и последните засилувања во летниот преоден рок, Антонио Да Силва Санка Рашид, кој покрива позиции како крилен и централен напаѓач, како и Елиас Ганим, кој игра како класично крило. Првиот тест за засилувањата ќе биде екипата на Скопје.

„Натпреварите против Скопје на гостински терен секогаш се многу тешки. Знаеме дека нè очекува исклучително физички дуел. Сепак, ние ќе се бориме за секоја топка и се надеваме дека ќе се вратиме дома со бодови“, изјави централниот дефанзивец на Башкими, Фати Исмаили.

Двете екипи досега се имаат сретнато вкупно шест пати, четири пати во Втората лига, еднаш во Купот на Македонија и на еден контролен натпревар. Поуспешен во овие дуели е ФК Скопје со 3 победи, додека Башкими сè уште ја чека својата прва победа. Три меча завршиле без победник.

Скопје и Башкими ќе ги одмерат силите од 16:30 часот на стадионот при ФФМ.