• Саше Љолес
Репрезентацијата на Украина го одигра веројатно најдобриот натпревар во последните шест месеци и успеа со пресврт да го надигра Исланд со 2-1 (0-1), што значи дека избраниците на Сергеј Ребров патуваат на Европското првенство во Германија.
На украинските навивачи им се „сруши светот“ во 30. минута, кога Алберт Гудмунсон ги доведе Исланѓаните во водство од 0-1, но на крајот на натпреварот имаа многу причини за задоволство. Иако Исланд водеше на паузата, Украинците влегоа многу помотивирано во вторите 45 минути и одиграа атомски фудбал кој резултираше со пресврт и конечен триумф.
Автори на погодоците беа Виктор Циганков и Михајло Мудрик, кои стрелаа во 54. и 84. минута, поставувајќи ги конечните 2-1. Исланд имаше последна шанса за израмнување во завршните секунди, но не успеа да ја затресе мрежата на Лунин и во тие моменти започна славјето на сите Украинци ширум светот.
Сергеј Ребров и неговите пулени ќе се приклучат на групата Е од Европското првенство, каде ќе бидат во конкуренција со Романија, Словачка и Белгија.
- Велс - Полска 0-0 (4-5 по изведување на пенали):
На континенталниот собир ќе патува и репрезентацијата на Полска, која славеше во пенал-драмата на гостувањето во Велс со 5-4. Во регуларното време натпреварот заврши со непопуларните 0-0, а трагичар кај Велшаните беше поранешниот фудбалер на Манчестер Јунајтед, Даниел Џејмс.