Ислами: Физички и тактички сме спремни, но најважен е психолошкиот аспект

Во Ереван беа испратени со скептицизам, но „гипсарите“ на Бујар Ислами се надминаа себеси и го исфрлија Алашкерт од Лига Европа. Ренова без оптеретување влегува и во дуелот со Хајдук во третото коло на најмасовното европско натпреварување и ја префрла фаворитската улога кај сплиќаните.

Ислами на средбата со новинарите на официјалната прес-конференција рече:

„Хајдук е фаворит, не треба да се трошат зборови каков клуб и каков тим ни гостува. Треба психолошки стабилно да влеземе во натпреварот. Иако се подготвуваме тактички и физички план, најголем проблем ни е психолошкиот аспект.

Фудбалерите на Хајдук поседуваат индивидуален квалитет и со еден потег може да решат натпревар“. 

Оптимистичка порака од соблекувалната пренесе Арџент Гафури, капитенот на Ренова.

„Хајдук е фаворит, но нема лесно да се предадеме. Очекувам жесток натпревар и верувам дека можеме да го изненадиме големиот фаворит“, рече Гафури. 

Тетовскиот клуб никогаш не играл плеј-оф на Лига Европа, а победа против Хајдук ќе донесе нови 300.000 евра во клупската каса и сума од околу еден милион евра од жешкото европско лето.