Искусниот Хумелс ги одби понудите од САД и следната сезона ќе игра во Примера

Повеќе германски медиуми ја пренесуваат веста дека искусниот дефанзивец, Матц Хумелс, се договорил со шпанскиот прволигаш, Мајорка, и следната сезона за првпат во кариерата ќе настапува во Примера. 

Хумелс имаше повеќе отворени понуди за трансфер, се шпекулираше дека ќе замине во американската МЛС лига, но решил да замине во Мајорка, каде неговото семејство има куќа и имот од 3.000 квадратни метри. 

Германецот сакал да остане во некоја од Топ-5 лигите, а понудата од Мајорка дошла во вистински момент и двете страни се договориле за едногодишна соработка, со опција за продолжување за уште една година. 

35-годишниот Хумелс во кариерата играше само за два клуба, Баерн Минхен и Борусија Дортмунд, а најголем печат остави во дресот на „милионерите“, каде настапи на скоро 400 мечеви во сите конкуренции.