Искусен хрватски стратег го менува Де Роси на клупата на Рома

Управата на калчолигашот Рома веднаш пронајде замена за отпуштениот Даниеле Де Роси. Нов тренер на „волчицата“ ќе биде Хрватот Иван Јуриќ, официјално соопшти клубот од Рим. 

Во игра за тренерското столче беа Един Терзиќ и Томас Тухел, но изборот падна на Јуриќ, кој го прифатил најважниот услов - соработката да трае само една година, по што би се преговарало за нов договор.   

Јуриќ немал проблем со ова барање на управата и веднаш го презема тимот кој досега не забележа ниту една победа на четири одиграни средби во Серија А. Рома во моментов има три освоени бодови, а во следната рунда ќе се сретне со екипата на Удинезе

Новиот предводник на „волчицата“ ќе има задача да го крене тимот од лошиот старт и значително да ги подобри резултатите во блиска иднина. Иван Јуриќ претходно беше тренер на Мантова, Кротоне, Џенова, Верона и Торино