ВИДЕО: Иско и Касемиро „стрелаа“, Реал рутински ја доби Малага!

Актуелниот шампион на Примера, Реал Мадрид им се врати на успесите во домашниот шампионат и со рутински 1-2 (0-1) славеше на гостувањето кај „фенерџијата“ Малага.  

Зидан за вечерашниот меч се одлучи за комбиниран тим, без Роналдо, Бејл и Модриќ, но условно резервистите не разочараа и заслужено ја запишаа 20. победа на својот тим оваа сезона. 

Екипата на Малага одолеваше само 30 минута на нападите на комбинираниот тим на Реал Мадрид, кој со голот на Иско стигна до заслужено водство од 0-1. Шпанскиот генијалец, кој во последниот период игра во фантастична форма, не дозволи да се почувствува отсуството на Кристијано Роналдо и со магија од слободен удар ги израдува „кралските“ фанови. Шампионот и по голот продолжи со отворената игра, што им отвори простор на фудбалерите на Малага преку контри да се заканат кон голот на Кејлот Навас, но Итура и Росалес не успеаја да ја погодат целта. 

Во вториот дел очекувано играта спласна, домаќините имаа неколку налети да стигнат до израмнување, но „кралевите“ повторно ја затресија мрежата на Хименез, откако на 0-2 зголеми Касемиро, додека конечните 1-2 ги постави Ролан во 93. минута. 

Во следното коло Реал Мадрид го игра дербито со Атлетик Билбао, додека Малага ќе се соочи со Леванте на Енис Барди.