• Мартин Танасковски
Иран би можел да стане следната држава што ќе размислува за бојкот на светско првенство поради политички причини, по најновата ескалација на конфликтот со САД и Израел. Двете земји започнаа воена операција со масовни воздушни напади врз повеќе локации на иранска територија, по што Техеран возврати со ракетни и напади со беспилотни летала кон цели во регионот каде што се распоредени воени бази на западни држави.
Во ваква тензична атмосфера, сè погласни се шпекулациите дека иранската фудбалска репрезентација би можела да го преиспита своето учество на СП 2026. Дополнителна неизвесност предизвика информацијата за смртта на врховниот верски лидер Али Каменеи за време на воздушните напади, што отвори сериозни прашања за идните политички и спортски одлуки на земјата. Интересен детал е што натпреварите од групната фаза на Иран се предвидени да се одиграат на територијата на САД, при што првите два меча се во Калифорнија, а третиот во Сиетл. Иако Иран го освои првото место во својата група во азиските квалификации, сигналите што доаѓаат од земјата укажуваат дека се разгледува можноста за повлекување од турнирот. Таков чекор би претставувал сериозен предизвик за раководството на ФИФА, особено ако се има предвид дека досега нема случај квалификувана селекција официјално да бојкотира завршница на светско првенство исклучиво поради политички причини.
Историјата, сепак, бележи неколку слични или сродни примери на повлекувања поврзани со политички околности.
Уругвај се повлече од Светското првенство во 1934 година, иако беше актуелен шампион. Одлуката беше донесена како протест поради тоа што повеќе европски репрезентации одбиле да патуваат во Јужна Америка за турнирот во 1930 година. Првенството во 1934 остана единственото на кое бранителот на титулата не учествувал.
Австрија не настапи на турнирот во 1938 година поради анексијата од нацистичка Германија во настан познат како „Аншлус“. Иако некои австриски фудбалери се приклучија на германската селекција, ѕвездата Матијас Зинделар одби да игра за режимот, оставајќи силна симболична порака.
Индија, пак, избори пласман на Светското првенство во 1950 година, но се откажа од настапот. И покрај широко распространетиот мит дека причината била забраната за играње боси, вистинските фактори биле финансиските трошоци за патување, недоволната подготовка и организациските проблеми во селекцијата.
На шампионатот во 1966 година немаше африкански претставници, откако африканските земји ги бојкотираа квалификациите поради одлуката на ФИФА да додели само едно место заеднички за Африка, Азија и Океанија.
Еден од најпознатите политички случаи се случи пред Светското првенство во 1974 година, кога Советскиот Сојуз одби да го одигра реваншот од баражот против Чиле во Сантјаго, протестирајќи против режимот на Аугусто Пиноче. Натпреварот остана запаметен како „фантомски меч“, бидејќи чилеанските фудбалери излегоа сами на теренот и симболично постигнаа гол во празна мрежа пред средбата да биде прекината.
Во поновата историја, директни бојкоти на финалните турнири речиси и да нема, но за време на Светското првенство во 2022 година во Катар се појавија протести и јавни реакции од поединечни играчи и селекции поврзани со прашања за човекови права и односот кон ЛГБТ заедницата. Доколку Иран навистина се одлучи на повлекување, тоа би било преседан во модерната историја на мундијалите и би отворило ново поглавје во односот меѓу глобалната политика и најголемиот фудбалски настан во светот.