Иран бара гаранции за да игра на Мундијалот: ФИФА е домаќин, не Трамп!

Настапот на Иран на претстојното Светско првенство и натаму е под знак прашалник поради затегнатите односи со Соединетите Американски Држави и Израел, а дополнително внимание предизвика и изјавата на претседателот на Иранската фудбалска федерација, Мехди Таџ.

Тој порача дека Иран на турнирот ќе настапи како селекција која спортски изборила пласман и нагласи дека домаќин на натпреварувањето е ФИФА, а не американската администрација.

„Одиме на Светското првенство за кое се квалификувавме, а наш домаќин е ФИФА, не господинот Трамп или Америка“, изјави Таџ за иранската државна телевизија.

Од иранска страна бараат јасни гаранции дека за време на турнирот нема да има, како што наведуваат, навреди кон симболите на нивниот политички систем, особено кон Исламска револуционерна гарда.

„Потребни ни се гаранции дека никој нема право да ги навредува симболите на нашиот систем. Ако таква гаранција постои и ако се преземе одговорност, тогаш нема да се повтори она што се случи во Канада“, додаде Таџ.

Изјавата се однесува на неодамнешниот инцидент кога иранска делегација била вратена од канадската граница пред конгресот на ФИФА во Ванкувер. Подоцна канадските власти потврдија дека визата на Таџ била поништена поради неговите наводни врски со Исламската револуционерна гарда. Светското првенство заеднички ќе го организираат САД, Канада и Мексико. Иран треба да одигра два натпревари во Лос Анџелес против Нов Зеланд и Белгија, а потоа и дуел со Египет во Сиетл.