Инзаги: Сонот за титула e жив, ќе играме со силен состав во последните две кола

Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, во краток разговор со италијанските медиуми изјави дека неговиот тим ќе се бори до последен здив за шампионската титула и нема да се откаже од сонот за одбрана на тронот.

Инзаги малку комбинираше со составот на последните два натпревари против Верона и Торино, но успеа да забележи две победи, а во прилог му оди и ремито на Наполи против Џенова

Разликата на табелата сега изнесува само еден бод, по што тренерот рече дека на последните два меча Интер ќе се обиде да игра со најсилниот можен состав. 

„Бевме во тешка позиција пред овие два меча, но сонот за титулата уште живее. На навивачите им порачав дека мора да веруваат во нас, а ние ќе се бориме до самиот крај.

Морав да ротирам на минатите дуели поради двомечот со Барселона, мислам дека тоа е повеќе од јасно. 

Сега сме повторно во ситуација да се бориме за одбрана на тронот, ротацијата нема да трпи толку големи промени. Ќе мора да славиме против Лацио и Комо, па ќе видиме што ќе се случи на крајот.

Наполи покажа дека е ранлив, но истото го покажавме и ние. Да не заборавиме дека се натпреварувавме на три фронта“, изјави Инзаги. 

Наполи има само еден бод предност во однос на Интер. Тимот на Антонио Конте во последните две кола ќе игра со Парма и Каљари.