Инзаги обезбеди пласман во Серија А, но пак ќе биде во Серија Б!

Легендарниот италијански напаѓач Филипо „Пипо“ Инзаги постигна голем успех како тренер на Пиза, водeјќи го тимот до промоција во Серија А по цели 34 години. Историски момент за клубот, но и покрај тоа – Инзаги нема да биде на клупата следната сезона, иако имаше важечки договор.

Интерес за неговите услуги покажуваше Палермо, кој со месеци преговараше и на крајот плати отштета за да го доведе. Постигнат е целосен договор и Инзаги ќе го преземе тимот од Сицилија ова лето, со што договорот со Пиза ќе биде раскинат предвреме.

Иако немаше позначајни резултати во Серија А како тренер на Милан, Болоња, Салернитана, Реџина и Бреша, Инзаги се етаблираше како експерт за успеси во пониските лиги. Со Венеција ја освои Серија Ц, со Беневенто ја освои Серија Б, а сега со Пиза обезбеди пласман во елитата, завршувајќи како второпласиран тим.

Инзаги и понатаму го гради своето тренерско реноме, а Палермо очекува тој да биде токму човекот што ќе ги врати во елитата на италијанскиот фудбал.