Инзаги: Мора да играме најдобро, Дортмунд е меѓу најсилните во Европа

Лацио бележи ужасен старт на сезоната во Серија А и по четири кола има само четири бодови, а има и два високи порази од Аталанта (1-4) и Сампдорија (3-0). Сега пред нив е првиот дуел од Лигата на шампионите против Борусија Дортмунд, каде Лацио се враќа по пауза од 13 години.

Со сигурност ова не е атмосферата коа Симоне Инзаги ја посакуваше во својот тим за враќањето во елитата, особено против силен противник, па стратегот призна дека е потребно најдоброто од тимот за позитивен исход.

„Многу сакавме нашето враќање во Лигата на шампионите да биде со фанови на трибините. Мора да бидеме агресивни против Борусија Дортмунд, тие се меѓу осумте најдобри тимови во Европа. Ќе биде тежок натпревар и ќе ни треба неверојатен перформанс. Сакам моите играчи да одговорат на поразот од Сампдорија викендов во Серија А“, смета Инзаги. 

Иако запишаа дебакл за викендот, се очекува Лацио предводен од Чиро Имобиле сериозно да се спротивстави и да одигра добар меч против разиграната Борусија Дортмунд. Средбата вечерва на „Олимпико“ е закажана со почеток од 21:00 часот.