• Саше Љолес
Симоне Инзаги дефинитивно ги заслужи сите почести и пофалби за успехот што го оствари со Интер, особено откако успеа да стигне до своето второ европско финале во само три години.
„Нероаѕурите“ ќе играат со ПСЖ во финалето на Лигата на шампионите и ќе се борат за четвртиот трофеј во историјата, а италијанските медиуми решија да нѐ потсетат со кои играчи и со колкав буџет Инзаги успеа да создаде исклучително силен колектив.
Дел од стандарните првотимци беа доведени за буквално НУЛА евра - Хакан Чалханоглу, Mаркус Турам, а тука се уште Стефан Де Врај, Пјотр Зиелински, Мехди Тареми. Отштета беше платена само за неколку фудбалери кои исто така играат важен дел во ротацијата на Инзаги.
Единственo поголема сума беше исплатена за Давиде Фратези и Бенжамин Павар (30 милиони евра), по тринаесет милиони беа исплатени за голманот Хозеп Мартинез и бекот Карлос Аугусто, а уште десет милиони заминаа во Болоња за напаѓачот Марко Арнатутовиќ. Околу 14 милиони чинеше Дензел Дамфрис од ПСВ Ајднховен.
Јан Бисек беше доведен од тимот на Архус за седум милиони евра. Три милиони помалку беа платени за Франческо Ачерби од Лацио.
Во тимот се уште Федерико Димарко и Матео Дармијан, кои долги сезони беа на разни позајмици, заедно со уште неколку играчи за кои исто така не беа издвоени некои позначајни суми. Не смееме да го заборавиме ниту феноменалниот Јан Зомер, кој пристигна од Баерн Минхен за само шест милиони евра.
Голем дел од спортската јавност смета дека методите, пристапот и вербата на Инзаги се навистина ретки и фасцинантни. Успеа од навидум просечен тим да создаде европски гигант кој станува страв и трепет за многу силни противници, а тоа се докажува и со двете финалиња во Лигата на шампионите. Рака на срце, тука огромна улога игра и присуството на претседателот Бепе Марота, кој е вистински мајстор за бесплатни трансфери.
Првиот обид за трофејот беше неуспешен за италијанскиот стратег, но ќе видиме каков ќе биде епилогот овој пат. Велат, од финалињата се паметат само победниците...