• Саше Љолес

Екипата на Интер уште еднаш ги разочара своите навивачи кои вчера беа сведоци на бледото издание на нивните миленици во мечот кој „нероаѕурите“ го загубија од Монца со 0-1. Ова за Интер беше трет пораз по ред на „Џузепе Меаца“, а вакво нешто се нема случено цели 87 години.
Симоне Инзаги никако не може да ја крене формата на своите фудбалери кои навистина играат очајно во круцијалната фаза од сезоната. Италијанските медиуми веќе цел месец пишуваат дека Инзаги е сè уште предводник на миланскиот тим само поради успешната етапа во Лигата на шампионите. Интер е со една нога во полуфиналето, затоа што на првиот четвртфинален меч славеше во Лисабон кај Бенфика со резултат 0-2.
Интер освои само еден бод на последните 5 натпревари во домашното првенство, а сето ова ја „прелило чашата“ и управата вчера во доцните вечерни часови го повикала тренерот на итен состанок. „Калчомеркато“ објавува дека целата клупска управа била разочарана од вчерашниот резултат, а Инзаги го напуштил стадионот доцна по полноќ. Состанокот траел неколку часа, а тренерот бил забележан како со наведната глава излегува од тунелот и веднаш побрзал кон својот автомобил. По него и управата заминала од „Џузепе Меаца“ со несреќни изрази на лицата, а се чини дека Инзаги добил ултиматум кој му наложува задолжително да ја мине Бенфика и тимот да се пласира во полуфиналето од елитниот ранг, а исто така и да ги добие следните натпревари во Серија А.
Одамна е познато и очигледно дека Инзаги полека ја губи контролата врз тимот и дека само учеството во Лигата на шампионите одржува некаков баланс во соблекувалната, а дополнителен проблем е и тоа што напаѓачите на „нероаѕурите“ се во очајна форма и имаат сериозен проблем со реализацијата.
Ќе биде интересно да се види каква ќе биде разврската на оваа ситуација која е сигурно непријатна за тренерот Инзаги кој го предводеше Интер минатата сезона до титулата во Купот на Италија. Скоро сите медиуми на големо шпекулираат дека евентуално испаѓање на Интер од Лигата на шампионите ќе значи автоматски и отказ за Инзаги.