• Саше Љолес
Тренерот на Интер, Симоне Инзаги, изјави дека е свесен за лошата резултатска серија на неговиот тим во последните седум дена, но рече дека натпреварот против Барселона во Лигата на шампионите ќе биде сосема поинаква приказна и очекува голема битка на „Монжуик“.
Италијанскиот стратег доби критики поради трите порази (два во Серија А и еден во Купот), но смета дека неговиот тим ќе биде максимално мотивиран за двомечот со каталонскиот гигант.
„Барселона е меѓу најдобрите клубови во историјата на фудбалот, а во моментов можеби е најдобриот тим во светот. Имаат уникатна играчка филозофија и неспоредливо силна фудбалска култура. Се работи за клуб со одлични поединци во првиот тим, но и во младинската школа.
Ќе се соочиме со нив и ќе влеземе во мечот со респект, но повеќе ќе мораме да се почитуваме себеси и да останеме цврсти во ментална смисла. Ќе играме храбро и нема да дозволиме да се доведеме во непријатна ситуација.
Тактички двете екипи се одлично подготвени, затоа очекувам голема и беспоштедна битка на првиот натпревар“, рече Инзаги.
Првиот натпревар помеѓу овие ривали ќе се одигра на 30 април, а почетокот е закажан за 21:00 часот. Барселона има блага фаворитска улога во пресрет на полуфиналниот двомеч.