Интернет мрежата на „Олд Трафорд“ е причината за кавгата меѓу Погба и Моу!?

Одбивањето на Жозе Мурињо да се ракува со својата најскапа ѕвезда Пол Погба, на првиот тренинг на Манчестер Јунајтед по срамната елиминација од Карабао Купот, беше главна тема кај англиските медиуми во текот на вчерашниот ден. 

Наводно, португалскиот стратег се налутил откако неговиот фудбалер, кој беше поштеден за дуелот со Дерби Каунти, на Инстаграм објавил видео од трибините на „Олд Трафорд“ како се смее заедно со Андреас Переира и Лук Шо.

Многумина, меѓу кои и самиот Мурињо, ова го сфатиле како потсмев од Погба на елиминацијата која неговите соиграчи ја доживеаја во дуелот со чемпионшип тимот, но денес е откриено што точно се случило. 

Погба го информираше раководството дека објавеното видео на социјалната мрежа е направено во моментите кога Јунајтед имаше водство од 1-0, но поради проблеми со интернет мрежата на стадионот, истото се објавило неколку минути по изведувањето на пеналите и елиминацијата на неговиот клуб. 

Оваа информација ја потврдил и прес офицерот на Манчестер Јунајтед, Џон Ален кој на Жозе Мурињо му потврдил дека навистина така било. Португалскиот стратег го прифатил објаснувањето, но повеќе од јасно е дека меѓу него и Погба нешто не е како што треба. Што точно ќе се случи, фановите на Јунајтед се надеваат дека наскоро ќе дознаат, а се шпекулира дека челните лица на клубот ќе мораат да изберат меѓу Погба и Мурињо, односно ќе одлучат кој ќе го напушти клубот.